Колонија

Кога се започнува со пчеларството, еден од најважните избори што треба да се направи е да се избере видот на пчелата за да се изгради колонија. Тоа е од суштинско значење за здравјето на пчелите и за способностите на пчелните семејства кои се избираат согласно пчелната раса која е погодна за регионот и притоа се одбира флората и климата во регионот. Не постои такво нешто како “најдобра” и “најплодна” пчела. Пчелните колонии се најздрави и најплодни во географскиот регион каде што нивните генотипови најдобро се прилагодуваат на условите на животната средина, а особено кога се чуваат во најсоодветната средина.

Особините на пчелните видови можат да варираат врз основа на состојбата на кошницата. На пример, видот кој не се рои може да се рои ако кошницата е премногу тесна и преполна. Затоа, ако се купи нова колонија или матица, најдобро е не само да се земат предвид карактеристиките на пчелните видови, туку исто така да се обрне внимание на локалните пчелни видови во вашиот регион и да се чуваат вашите кошници во најдобри услови.

Ако пчелите преселници се посакувани, се препорачува да не се поместуваат пчелите повеќе од 200 километри.

Локалната пчелна асоцијација може да се контактира за да се купи нова колонија или колонија може да се купи од добро информиран и искусен пчелар кој има здрава пчелна колонија од локалниот екотип. Можно е да се најдат матици кои се тестираат успешните способнисти од локалните одгледувачи на матиците.

Македонска медоносна пчела (Apis mellifera macedonica)

М-р Борче Павлов – „ЕКО-ПЧЕЛА“ Скопје и MacBee, pavlovborce@yahoo.com

Детерминација и распространетост

Македонската медоносна пчела (Apis mellifera macedonica) за прв пат била детерминирана и именувана како посебен подвид на медоносни пчели од страна на германскиот научник Рутнер (Ruttner) во 1988 година. Овој научник, главно врз основа на детални и обемни морфолошки истражувања на пчели работнички и трутови од териториите на Македонија, северна Грција, Бугарија и Романија, заклучил дека популацијата од наведените територии е различна од соседниот подвид Apis mellifera carnica или Крањската медоносна пчела, која егзистира на териториите на централна и северна Србија, Хрватска, Словенија, Австрија и пошироко.

Во Р. Македонија први морфометриски истражувања на медоносните пчели спровел Шљахов во 1973 и 1979 година, но претежно на примероци од регионот на Мариово, при што дошол до заклучок дека тие медоносни пчели се разликувале од соседните популации во Македонија.

Подоцна подетални морфометриски истражувања на примероци од различни региони во Македонија спровеле Плужников (1995), Наумовски и Крлевска (1996), Наумовски и сор. (2000) и Кипријановска и Узунов (2002), кои известуваат за изразена разновидност на популациите и можна дискриминација од A. m. carnica.

Во 2007 и 2009 година Узунов и сор. објавуваат резултати од морфометриски истражувања на крилна нерватура на 1800 пчели работнички од 6 региони во Република Македонија, притоа потврдувајќи ги резултатите од претходните автори за изразената разновидност во истражуваната популација. Сепак, кај истражуваните примероци утврдена е најголема подвидова припадност кон стандардот за A. m. macedonica. Со тоа за прв пат, преку детални и обемни морфометриски истражувања, потврдена е претпоставката на претходните автори за егзистирање на посебен подвид на медоносни пчели во Република Македонија, различен од A. m. carnica.

Подоцна, со употреба на современи молекуларни методи т.е. преку анализа на полиморфизмот на микросателити на ДНК кај примероци од Македонија, Грција, Албанија, Бугарија, како и од Словенија, Узунов и сор. во 2014 година утврдуваат дека медоносните пчели од истражуваните региони во првонаведените 4 држави претставуваат посебна и различна популација од медоносните пчели во Словенија.

Резултатите од наведените научни истражувања ја потврдуваат хипотезата за егзистирањето на посебен и автохтон подвид на медоносни пчели на територијата на Република Македонија, северна Грција, источна Албанија и Бугарија, наречен Македонска медоносна пчела или Apis mellifera macedonica.

Мапа според Ruttner 1988, 1992 (Roy Mathew Francis)

Морфолошки, етолошки и производни карактеристики

Македонската медоносна пчела по својот изглед е многу слична со Крањската медоносна пчела и затоа многу тешко може да се идентификува без употреба на морфометриски и молекуларни методи на идентификација. Според некои автори, појавата на жолта пигментација на мал број абдоминални (стомачни) прстени е карактеристична за Македонската медоносна пчела, но тоа не е случај за целата поулација, бидејќи се среќаваат популации кај кои отсуствува жолтата пигментација. Телото, крилјата и влакненцата на A. m. macedonica се помали од тие на A. m. carnica, но затоа овој подвид се карактеризира со подолги нозе (Ruttner, 1988).

Во однос на производните карактеристики на автохтоната медоносна пчела во минатото, но особено во последниов период се спроведени поголем број на истражувања од страна на Кипријановска и сор. (2005, 2009, 2010 и 2012), Додевски и Петровски (2010) Стевановиќ и сор. (2010), Додевски и сор. (2011), Узунов и сор. (2007, 2009, 2010, 2011, 2012 и 2013), Џимревска (2010, 2014), Антовски (2015), Павлов (2018). Авторите утврдиле слабо до умерено изразено одбранбено однесување и потреба од користење заштитна облека, изразено роидбено однесување, просечна потрошувачка од 8,2 кг храна во зимскиот период, принос на мед по пчелно семејство од 13,1 до 17,4 kg, намалување на леглото и бројот на пчели во летниот период и сензибилност на лоши зимски временски услови и ноземоза. Слични заклучоци се донесени и при спроведување на истражувањето од 2009 до 2012 год., а публикувани во серија од публикации (специјално издание на Journal of Apicultural Research) – Büchler et al., 2014, Hatjina et al., 2014, Uzunov et al., 2014, Francis et al., 2014 и Meixner et al., 2014. Ова истражување е спроведено во рамките на RNSBB групата (www.beebreeding.net).

Македонска медоносна пчела (A. m. macedonica) (Фото Борче Павлов)

Заштита на Македонската автохтона медоносна пчела

Според важечката законска регулатива, Македонската медоносна пчела е препознаена како автохтон подвид, со посебен режим на заштита. Во најголема мерка заштитата се остварува преку одгледувачки програми за селекција и унапредување на автохтоната медоносна пчела, кои се спроведуваат од страна на регистрирани одгледувалишта за пчелни матици. Овој процес е започнат во 2004 год. од првото регистрирано одгледувалиште „Апицентар“ Скопје, а денес веќе постојат 4 регистрирани одгледувалишта: „ЕКО-ПЧЕЛА“ Скопјe (www.ekopcela.blogspot.mk), „Вет медика анимал“ Пробиштип (www.apicentar.com.mk), „Пчеларство Стојановски“ Охрид, „Апика“ Виница.

Во Р. Македонија од 2011 година делува здружението за заштита на Македонската автохтона пчела – MacBee (www.macbee.org), кое има воспоставено мрежа на тестни пчеларници на кои по унифициран протокол за перформанс тест се врши тестирање и селекција на автохтоната медоносна пчела. Од 2015 година ова здружение е вклучено во меѓународниот истражувачки проектот SMARTBEES, чија основна цел е подобрување и заштита на автохтоните подвидови на медоносни пчели во Европа (www.smartbees.eu). Исто така, здружението превзема широк спектар на активности за подигнување на јавната свест за заштита на автохтоната популација на медоносни пчели меѓу кои и организирање на советувања, предавања и др.

Наведените активности се реализираат во соработка со Факултетот за земјоделски науки и храна од Скопје. Со цел да се подобрат условите за координирано и успешно спроведување на одгледувачките програми за тестираните популации на медоносни пчели, наведената научна институција во периодот 2009 – 2013 година спроведе обемни истражувања за оценување на можноста за користење на островот „Голем Град“ во Преспанското Езеро како изолирана оплодна станица.

 

Live and Let Bee 2017. Сите права се задржани.

Live and Let Bee
За проектот
Партнери
Еколошко пчеларство во земјите партнери
- Турција
- Македонија
- Велика Британија
- Холандија
Контакт

Животот на пчелите
Моменталната состојба на пчелите
Животот на пчелите

Еколошко пчеларство
Колонија
Видови на кошници
Ефекти од пестицидите
Болести и штетници
Одржлива употреба на пчелни производи

Што може да сториме?
Почетници
Хобисти
Пчелари
Потрошувачи и жители на градовите
Општини
Политичари

 

 

 

 

Финансирано од Еразмус+ програма на Европската Унија. Сепак, Европската Комисија и Турската Национална Агенција не се одговорни за информациите содржани овде.